Кошаркарски бунт: Второлигашите и младински школи нема да играат следната сезона!

Изоставувањето на екипите од пониските рангови на натпреварување, како и на младинските школи од распределбата на средствата од државата предвидени со популарно нарешениот Закон за ваучери носи голем бунт не само во ракометот и фудбалот, туку и во кошарката во која следната сезона може да се игра само во елитната конкуренција.

Второлигашите и екипите кои играат во младинските категории со заедничко соопштение се заканија дека нема да пријават екипи сѐ додека не бидат опфатени со ваучер-системот, кој неодамна беше промовиран од државата. Соопштението на засегнатите тимови од име на сите клубови од овој ранг ви го пренесуваме во целост.

„Поради фактот што неправилно, неправно, намерно или ненамерно сме заобиколени со законот за ваучери, кој претходно бомбастично се најавуваше од минатата година, истите ние чекајќи шест месеци останавме заобиколени од распределбата на средствата по тој закон. Според законот излезен во Службен весник на РСМ, ние ги исполнуваме сите критериуми за добивање на ваучер за спорт. Изминатиот период се обративме до сите релевантни институции и до денеска (20 јуни) немаме добиено никаков одговор. Бидејќи, токму овој период се креираат буџетите на клубовите за наредната сезона, сите клубови нема да пријавуваме екипи во сениорска и младинска конкуренција сѐ до оној момент кога би биле опфатени со законот за ваучер“, се вели во заедничкиот став на засегнатите.

Според информациите од АМС, дури и еден од прволигашките екипи нема добиено средства од овој закон, а станува збор за тимот на АВ Охрид. Изненадувачки е што екипи како Вардар, Шкупи, Пелистер и Фени индустри, кои играа во Плејаут-лигата за опстанок добија повеќе пари од екипи како Блокотехна и Гостивар кои цела сезона беа во самиот врв и конкурираа за пехарите во двете домашни натпреварувања. Меѓу тие што не добиа пари од овој закон се и новите прволигаши Академија ФМП и вториот тим на МЗТ Скопје, кој настапува како посебен правен субјект.