Кога никому не му значат бодовите: Работнички подобар во најдосадното вечно дерби сезонава!

Кошаркарите на Работнички излегоа како победници во последниот суперлигашки меч сезонава, откако вечерва, во Куманово, го совладаа МЗТ Скопје (88-84) во дефинитивно најдосадниот во досегашните пет меѓусебни пресметки на вечните ривал.

Причина за ова е фактот што и пред овој меч се знаеше конечниот пласман на табелата, а со тоа и полуфиналните двојки од плејофот, поради што тренерите на двата тима калкулираа со силите и повеќе мислеа како да ги сочуваат силите отколку на крајниот резултат. „Металците“ Суперлигата ја завршуваат како првопласирани и ќе играат против Гостивар, а центарци се втори и ќе се сретнат со Блокотехна. Сериите почнуваат в недела на терените на скопските екипи, а се играат до три победи.

Клучна за триумфот на црвено-белите беше третата четвртина, во која направија серија 19-7 и дојдоа до двоцифрена позитива која потоа ја задржаа. Аеродромци во финишот направија сѐ за резултатски да се вратат во игра, но најмногу што успеаја е да намалат на негатива од четири поени.

Чавдар Костов со 24 поени и 12 скока беше убедливо најдобар кај Работнички, Димитар Мираковски постигна 17 поени додека Бобан Стајиќ реализира 14 поени. Иве Иванов со 18 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, додека Предраг Самарџиски имаше 13 поени со 15 скока.

КОНЕЧНА ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 25-5, Работнички 24-6, Блокотехна 22-8, Гостивар 21-9, Кожув 13-17, Куманово 12-18.