Кочов претпазлив: Ова е само една победа која мора веднаш да ја заборавиме!

МЗТ Скопје поведе со 1-0 во финалната плејоф-серија со Работнички по денешната убедлива победа со 36 поени разлика (80-44), нешто што дури ги изненади и луѓето од таборот на „металците“.

Но, тренерот на сино-белите, Ѓорѓи Кочов, повикува на претпазливост со оглед што секој натпревар е приказна за себе, а за конечен триумф потребни се уште две победи.

„Не очекував вака убедлива победа, само ме интересираше како ќе изгледаме со осум дена пауза, која не беше добра, затоа што навикнати сме да играме на секои три дена. Им честитам на моите играчи на триумфот, меѓутоа ова е само една победа и ќе мора да ја заборавиме веднаш. Секој натпревар е приказна за себе, затоа што носи посебна енергија. Отворивме со триумф, наша цел е титулата уште од почетокот на сезоната, но имаме уште да одработиме за тоа“, изјави Кочов.