КК Пелистер ги послуша навивачите и го врати логото со зборот – Македонија!

Кошаркарскиот вицешампион Пелистер неодамна го смени логото како најава на новата победничка ера, со што, не сакајќи, предизвикаа реакции кај навивачите бидејќи во него го нема зборот Македонија, кој стоеше во старото обележје.

Поради ова, управата на клубот реши да ретерира и во новата сезона да игра со логото со кое овој клуб настапува во последните две децении.

„Пред десетина дена го објавивме новото лого, во кое наша главна цел беше да биде ставен акцент на битолските симболи - Баба Планина, Саат Кулата и моликите. Пелистер е клуб што отсекогаш е гордост на Битола и новото лого беше само потврда на силната врска на нашиот колектив со градот чиј заштитен знак се овие симболи. Изненадени бевме од реакциите добиени поврзани со новото лого кое беше создадено со најчесни можни намери, но сепак решивме да излеземе во пресрет на оние кои реагираат. Остануваме на желбата за 'ново лого да влеземе во нова ера на клубот', но решивме шампионатот да го почнеме со досегашниот клупски симбол, кој ќе го носиме до крајот на оваа натпреварувачка сезона. Во меѓувреме, отворени сме за дискусија и предлози околу дополнување на логото или евентуално ново идејно решение, се со цел Пелистер да има симбол со кој ќе се гордее цела Битола“, се вели во соопштението на битолчани.