КК Гостивар: Вашата човечност дава надеж за подобри времиња во Македонија!

Трагичната сообраќајна несреќа кај Карпалак го одзема животот и на кошаркарот Јовица Трпевски. 25 - годишното момче настапуваше во редовите на вториот тим на Гостивар, неговата прерана смрт ги сплоти спортски соработници да покажат хуманост и солидарност. 

Кошаркарскиот прволигаш кој загуби свој играч во трагедијата кај Карпалак каде што животот го загубија 15 лица, а уште 30-тина се повредени им се заблагодарува на сите клубови, судии, кошаркари, новинари и на целата јавност за искажаната солидарност и поддршка во овие тешки моменти за клубот и за градот во целост.

„Почитувани Кошаркарски клубови, судии, кошаркари, новинари. КК Гостивар најискрено ви се заблагодарува за поддршката во овие претешки моменти за нашиот град. Иако на терен сме на спротивни страни, во овие моменти покажавте дека солидарноста и човечноста се уште тлеат во спортот, што дава надеж за некој подобри времиња. Како и да е едно е сигурно, КК Гостивар ова нема да го заборави. Пријатели Ви благодариме“, беше напишано во емотивното соопштение на Гостивар, со кое и се заблагодарија на целата македонска јавност.