КФСМ официјално го потврди компромисот помеѓу клубовите и кошаркарите!

Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија потврди дека е постигнат договор околу решавањето на правилото за настап на домашни играчи на теренот.

По барањето на клубовите за модификација на правилото, КФСМ го прифати последниот предлог на клубовите, кој ќе значи задржување на старото правило до плеј-офот, а потоа укинување на сите ограничувања за настап на странци по завршувањето на Супер - лигата.

Соопштението ви го испраќаме во целост:

По иницијативата на Здружението на прволигаши за промена на членот од Регистрацискиот Правилник за минимален број на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар, Кошаркарската федерација на Северна Македонија организира неколку состаноци на кои покрај раководството на КФСМ присуствуваа и членови на Асоцијацијата на кошаркарски играчи и претставници од клубовите кои (ќе) се натпреваруваат во Прва лига мажи.

По одржаните состаноци донесено е конструктивно решение кое ги задоволува интересите на играчите и клубовите и ќе придонесе за понатамошен развој на домашните кошаркари, ќе ги поттикне клубовите интензивно да инвестираат во младинските селекции, а при изборот на странски играчи критериумот за квалитет да биде на високо ниво.

Измената ќе гласи: Клуб од прва лига мажи да има право на пријавување и настап на најмногу 4 (четири) странски играчи во составот на еден натпревар, со настап не помалку од 2 (два) домашни играчи во игра на целиот натпревар до завршување на регуларниот дел, супер лигата и плеј-аут натпреварите. Во плеј-оф натпреварите (полуфинале и финале) како и во полуфиналните и финалниот натпревар во Купот нема да има ограничување на бројот на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар.

Правилото ќе биде процедурално процесирано низ структурите на КФСМ и ќе има неколкугодишна примена.