КФМ ќе прогласи шампион(и), па ќе реши дури третина од Првата лига да – испадне!

По неодамнешната одлука за прекин на натпреварите во Првата лига поради пандемијата со коронавирусот, без да биде прогласен шампион, членовите на Управниот одбор (УО) на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), каде што прв човек е Перо Антиќ, денеска конечно ќе донесат одлука за прогласување прваци, но во Втората лига.

Според предложениот дневен ред, на состанокот од 14 часот, одборниците ќе треба да стават крај и на второлигашката сезона, која првите луѓе во Куќата на кошарката мислеа дека ќе може да се доигра во текот на летото и воедно да промовираат по една екипа од Истокот и Западот. Тоа би требало да бидат екипите на ТФТ и на Црн Дрим, кои во моментов се лидери на табелата и тоа со минимална предност пред конкурентите по само 11 односно 12 одиграни натпревари.

ТФТ би станал прволигаш со само еден пораз помалку од Феникс 2000 и Струмица, додека Црн Дрим со ист број порази како и Ангели, но со една победа повеќе поради фактот што има еден натпревар одиграно повеќе. А, пред нецел месец, Антиќ и неговите соработници решија да не прогласат шампион во Првата лига, иако по 17 одиграни кола МЗТ Скопје имаше две победи повеќе во однос на најголемите ривали во ситуација кога сите екипи имаа ист број одиграни мечеви.

Истовремено, членовите на УО на КФМ ќе треба да гласаат за системот натпревари за следната сезона, кој ако се усвои ќе донесе пеколна борба за опстанок со оглед што е предложено да испаднат дури четири екипи од елитната конкуренција, а само две да бидат промовирани од понискиот ранг. Тоа значи враќање на Првата лига со 10 екипи, со оглед што во следниот шампионат таа ќе брои два тима повеќе со оглед што немаше испаѓање по прекинатото првенство поради пандемијата со коронавирусот.