КФМ именува селектор кој пред куп девојчиња се степал со - противничкиот тренер!?

Александар Ашданов е изборот на раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за селектор на женската сениорска репрезентација, што беше со огромно изненадување примено во кошаркарските кругови.

Причина за ваквата неверица кај тие што ги следат случувањата во женскиот кошаркарски сегмент е фактот што неговиот претходник, Владими Ѓоровиќ, склопи повеќе од солидна селекција која само што почна да игра добро и допадливо, со најава за уште подобри партии во следниот квалификациски циклус. Дополнително изненадување е податокот што за предводник на националната гордост е поставен тренер без речиси никакво лидерско искуство во работа со женската кошарка на сениорско ниво, освен што беше дел од стручниот штаб на Баскет Кам во финишот од минатата сезона. Кулминација, пак, на шокот е податокот што најдобриот македонски тим е даден на тренер кој има темна дамка во кариерата, односно, како што се шпекулира во кошаркарските кулоари, бил дел од тепачка со поранешен соработник од Вардар.

Според македонските медиуми, скандалот се случил во пресрет на натпреварот помеѓу црвено-црниот тим и Баскет Кам минатата сезона, кога пред очите на триесетина кошаркарки од двата тима дошло до физичка пресметка помеѓу Ашданов од една и Александар Јованчев од друга страна. Неофицијално, причина за овој несекојдневен и пред сѐ срамен дуел биле наводно нерасчистените сметки од времето кога соработувале во машкиот тим на Вардар, кој испадна од Првата лига поради административна грешка во плејаутот со МЗТ Скопје УНИ Банка, односно префрлањето на тоа кој е виновен за овој голем пропуст.

Ашданов ќе ја предводи Македонија во квалификациите за ЕП 2023, во кои нашата селекција ќе биде во група со Германија, БиХ и Белгија. Првите два натпревари на програмата се на 11 и 14 ноември против Германките во Хале, а вториот против Босанките во СРЦ „Кале“.