КФМ и официјално потврди дека борбата за опстанок во Првата лига ќе биде – пеколна!

Одлуките на Управниот одбор (УО) на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за прогласување шампиони во Втората лига и за испаѓање од елитата на четири екипи следната сезона, кои јавноста ги дозна уште минатата недела, денеска беа официјално потврдени и од Куќата на кошарката.

Тимовите на ТФТ и на Црн Дрим ќе играат во Првата лига, која ќе брои 12 екипи, за веднаш потоа да се врати бројката од десет прволигаши поради што дури една третина од тимовите ќе мора да се преселат во понизок ранг. Донесена е и одлука за спојување на двете Втори лиги во една, во која би играле 12 тима, додека се враќа Третата лига во која би играле само играчи до 20 години, со можност секоја екипа да пријави само по тројца повозрасни од оваа граница.

Котизацијата, пак, за прекинатата сезона е намалена на 5.000 евра, додека останатите 3.000 евра на клубовите ќе им бидат компензирани со долговите кон КФМ по останатите конта.