Раритет: Мекиќ во шест дена одигра три средби со максимални – 120 минути!

Бекот на МЗТ Скопје, Адем Мекиќ, изминатава недела има остварување какво што немало одамна во македонската кошарка, а тоа е одигрување на три средби во само шест дена во кои на паркетот ги мина максималните – 120 минути.

Отсуството на болниот Дамјан Стојановски и на повредениот Андреј Магдевски го ставија тренерот на „металците“, Дарко Радуловиќ во уникатна ситуација да мора максимално да го „исцеди“ својот играч и тоа на дерби-пресметки против конкуренти за највисок пласман. Мекиќ на средбите против Куманово (петок), Пелистер (понеделник) и Работнички (среда) беше по 40 минути на терен, што е апсолутно несвојствено во модерната европска кошарка, пред сѐ поради брзиот ритам и големиот напор кој ги исцедува кошаркарите.

Играњето без ниту една секунда одмор како воопшто да не беше проблем за Мекиќ, кој и на трите средби беше меѓу најдобрите во таборот на МЗТ, иако воопшто не седна на клупата за да земе здив и да одмори. Тој пресметката со кумановци ја заврши како најдобар стрелец на средбата со 24 поени, заедно со три скока и две асистенции, а беше и прв поентер на вчерашното верчно дерби со 18 поени, на кои додаде и четири скока. Повеќе од солидно одигра и во победата над Пелистер, во која имаше учинок од 14 поени и три скока.

Ако на ова се додаде и неговата стандардно агресивна игра во одбраната и фрлање на паркетот во секоја ситуација, заедно со најмалку две украдени топки, тогаш навистина зачудува како тој остана на нозе по завршувањето на овој пеколен циклус, не само за него туку и за неговите соиграчи.