Изненадување во дербито: Гостивар му го нанесе третиот пораз на Работнички!

Кошаркарите на Гостивар го направија првото поголемо изненадување сезонава, откако вечерва, пред преполнетите трибини во салата „Младост“, го совладаа фаворизираниот тим на Работнички (80-70) и останаа еден чекор понапред од Блокотехна во директната трка за третата позиција на табелата.

Гостиварци, кои станаа третиот тим кој сезонава го совладал шампионот (заедно со Блоко и МЗТ), одиграа фантастичен меч дури и без повредениот Бојан Трајковски, користејќи го преголемиот број загубени топки на противникот (вкупно 19), а максимално искористувајќи го феноменалниот шут за два поени во кој погодуваа со неверојатна 73-отстотна прецизност (22/30). Домашните клучната предност ја остварија во финишот од првата и почетокот од втората четвртина, кога со серија 16-3 дојдоа до двоцифрена позитива (27-17), која им даде поголема слобода во играта.

Центарци во третиот период успеаја да се вратат во игра, дури и изедначија во неколку наврати, но кошаркарите на Гостивар овој дел од играта го завршија со нова серија 10-0 за повторно двоцифрено одлепување, кое овој пат беше клучно за освојување на драгоцените бодови.

Тенксли Ефианаи со 22 поени беше најефикасен во победничкиот тим, во кој Џозеф Фустингер постигна 17, а Ренато Димитриевски 10 поени, додека Чавдар Костов со 16 поени беше најпрецизен кај Работнички.

Гостивар сега има скор 17-6 и остана пред Блокотехна (16-7) во битката за третото место на табелата. Центарци, пак, сега имаат ист број порази како МЗТ Скопје (по три) во борбата за позицијата број еден пред плејофот.