Ивковиќ со лекција за Перо и Тоше: Тепајте се за секој талент, вратете го сјајот на провинцијата! (ВИДЕО)

Еден од најценетите европски тренери на сите времиња и поранешен светски и европски шампион со СФР Југославија, Душан Ивковиќ, денеска одржа предавање пред повеќе од стотина македонски тренери, кои буквално без здив ги впиваа неговите зборови со оглед што тие беа – злато вредни.

Без конкретна тема, повеќе говорејќи генерално за функционирањете на тренерската организација, тој дел од времето посвети и за делење совети за тоа како македонската кошарка да го врати стариот сјај, дури и од времето на поранешната заедничка држава кога на ниту еден тим, колку и да бил силен, не му било сеедно кога гостувал во Скопје. Популарниот Дуда покрај лекциите кои им ги одржа на присутните колеги по струка, им подели и совети на претседателот на КФСМ, Перо Антиќ и спортскиот директор Тодор Гечевски за тоа како да го вратат овој спорт на највисокото место на пиедесталот во државата.

„Колку што знам, последниве години кошарката го губи приматот во вашата земја и затоа треба да се тепате за секој талент. Не смеете да дозволите ниту едно дете да се откаже без добро да биде проверено и исконтролирано, за не побегне некој од кого може да избрусите вистински дијамант. Македонија е мала држава со малку жители, затоа работата на тренерите и на федерацијата мора да биде повеќекратно поголема и понапорна. Само со засукани ракави и часови минати во сала ќе може да се вратите онаму каде што пред извесно време и припаѓавте“, објасни Ивковиќ.

Легендарниот тренер истовремено потенцира дека е многу важно да се активираат и други кошаркарски центри во провинцијата, бидејќи не може да се напредува адекватно ако сиот тренерски и играчки квалитет е сконцентриран во Скопје.

„Една од првите работи кога своевремено без предводник на тренерската фела во Србија беше да го децентрализирам спортот, односно да овозможам адекватни услови за враќање на поранешните центри како Чачак, Ужице, Нови Сад. Тоа оди тешко, но напорите полека вложуваат со плод. Така треба и кај вас. Без добра работа во провинцијата нема добра кошарка. И вие треба да се обидете да ги вратите помалите градови во кои во минатото се играла квалитетна кошарка (Велес, Струмица, Кочани, Битола – н.з.)“, дополни Ивковиќ.

Предавањата на Ивковиќ, како и тие на Ненад Труниќ и на Октај Махмути, потенцијалниот нов селектор, кој говореше за одбрана на нападот „два на два“, беа дел од Тренерскиот семинар „Лазар Лечиќ“. Тој беше отворен токму од нашата легенда и основоположник на модерната македонска кошарка, кој и покрај фактот што веќе е навлезен во деветтата деценија од животот и има здравствени проблеми, не ја пропушти можноста да ги поздрави тренерите, но и реномираните гости.