Илиевски: Наумоски има платена гласачка машинерија и затоа ме победи! (ВИДЕО)

Несудениот кандидат за претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Владо Илиевски, вечерва уште еднаш го искажа својот став за денешното Вонредно собрание на кое иако очекуваше да му биде изгласана недоверба на сегашниот предводник на макбаскетот, Петар Наумоски, тоа, сепак, не се случи.

За поранешниот репрезентативец и стрелец на најважната тројка во историјата, таа за пласман во полуфиналето на ЕП 2011, популарниот Пеце ги искористил сите финти кои му беа на располагање за да ги надмудри тие што се против него.

„Има момент кој Пеце одлично го користи, а тоа се големиот број здруженија кои ги користи како гласачка машинерија. Нивните претседатели добиваат паричен надомест од МКФ, поради што се врзани да го поддржат сегашниот претседател, Убеден сум дека поголемиот дел од клубовите беа за мене односно дека гласаа за смена на Наумоски. Самиот факт што двапати во една години се бара негова смена, доволно говори за (не)задоволството од неговата работа. Но, тој одлично ги користи пропустите во актите“, изјави Илиевски во вечерашното интервју за телевизијата „24 Вести“,

Некогашниот плејмејкер го оспорува учеството на неколку членки на денешното Собрание, а ја оспорува и дозволата за учество на состанокот која Наумоски ја даде на неколку клуба иако ги немаа сите потребни документи.

„Сведоци бевме на нелетимно Собрание на кое повеќе пати се кршеа процедурите и Статутот. Спорен е гласот на Здружението „3Х3“, кое е членка на федерацијата, но не и на Собранието на МКФ. Згора на тоа, Работнички, Струмица и Шкупи не доставија валидна тековна состојба поради што не смееја да учествуваат во гласањето. Тоа се работи преку кои не можеме да преминеме. Згора на тоа, усвоеното правило да не може две години да се бара негова смена е надвор од сите акти. Во ниту една демократска држава не може да се води било каква организација без можност да се провери неговата работа. Уште повеќе, таква точка може да се вметне со двотретинско мнозинство, што не беше случај. Од тоа што го слушнав, прв за оваа точка гласаа 12, па 14, па дури во третиот обид, по интервенција на претседателот, таа бројка да дојде до 16 гласа. Досегашната пракса беше шест месечен мораториум, што е пракса прифатена насекаде“, дополни некогашниот репрезентативец.

Илиевски делумно ги најави своите следни чекори.

„Од Агенцијата за млади и спорт бараме целосна ревизија на денешното Собрание. Сигурен сум дека ќе ги најдат пропустите и ќе реагираат. Моите визии беа добро прифатени кај сите клубови, поради што сум изненаден од денешниот епилог на Собранието. Но, не се предавам. Одиме до крај“, завршува популарниот „Леле, луѓе, што направивме“.

Во меѓувреме реагираа и од клубовите Работнички и Куманово, кои неофицијално важат за база на Зоран Дамјановски-Циц, вториот кандидат за евентуален наследник на Наумоски. Оттаму му честитаат на Пеце на „мангупските финти“, но и порашуваат дека „се лаже ако мисли дека сѐ е завршено“.