Игри за престолот на МКФ: Темел се откажа, Пеце се мисли, Антиќ веќе почнува да слави

Македонската кошаркарска федерација денеска и официјално ќе замине во историја заедно со Петар Наумоски како нејзин последен претседател во десетгодишното постоење, а дали најдобриот кошаркар на 20 век ќе биде и прв предводник на Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ) или, пак, тоа ќе биде некој друг ќе се дознае на денешното Изборно Собрание (12 часот) на кое прво ќе треба да се потврди одлуката за промена на името.

Засега единствен официјален кандидат за претседателската фотелја во новата КФСМ е тројниот европски шампион Перо Антиќ, кој изминатиов период сериозно лобираше и преку речиси сите медиуми ја презентира својата изборна програма. Негов најсериозен кандидат требаше да биде Владимир Темелковски, сѐ уште актуелен спортски директор и син на поранешниот прв човек на макбаскетот Зоре Темелковски, но тој доцна синоќа се повлече од претседателската трка. Од лични и морално причини како што вели самиот.

Засега е нејасен статусот на популарниот Пеце, кој од позиција на бранител на функцијата сѐ уште се нема официјално изјаснето дали ќе поднесе кандидатура за реизбор. Дури но во секогаш доброинформираните кошаркарски кругови никој со сигурност не може да потврди дека Наумоски ќе реши да истрча уште еден претседателски круг, секако ако победи во битката со „небитниот“ Антиќ или, пак, ќе се задоволи само со еден мандат во кој направи неколку добри (одблокирање на сметката, стабилни финансии), но и низа лоши работи пред сѐ во делот со сениорската репрезентација и со константното надмудрување со клубовите на кои им ја одзема моќта сами да се решаваат за случувањата во лигата во која играат.

Според најновите измени во актите, секој клуб може да даде поддршка за кандидатура на неограчичен број кандидати, што теоретски значи дека може да има онолку претенденти за престолот колку што има членки Собранието на, од денеска веќе, КФСМ. Но, на гласањето ќе може да поддржи само еден од кандидатите. На колку членки ќе имаат право на глас ќе се дознае на самиот денешен собир, со оглед на нејаснотиите околу правилото клубовите да мора да играат две сезони во низа за да може да добијат можност рамноправно да одлучуваат.

Изборното Собрание на МКФ ќе се одржи во просториите на „Сквер 21“ (поранешно кино Вардар) со почеток во 12 часот.