Играше за Карпош Соколи, а сега „кине мрежички“ во најсилната лига во Европа! (ВИДЕО)

Тезата дека во македонската кошарка не се купуваат само евтини и ислужени странци неодамна беше демантирано со трансферот на Американецот Седрик Браун од Блокотехна во италијанскиот прволигаш Фиат Торино, а сега и потврдено со фантастичниот настап на поранешен играч на Карпош Соколи во најсилната лига во Европа.

Станува збор за Американецот Тадеус Мекфејден, кој минатата сезона ја почна во тимот на Карпош Соколи, а деновиве е во центар на вниманието по фантастичната вечер во дресот на шпански Тенерифе. Некогашниот „сокол“ постигна 25 поени во синожешната победа на домашен терен против Обрадоиро (78-52) и тоа со пет тројки од кои неколку беа од неверојатни позиции.

Мекфејден во Скопје дојде како големо засилување за Карпош Соколи за средбите од Лигата на шампионите, а потоа и за тие од ФИБА Еврокупот, но по неколку месеци мораше да си замине по финансиските проблеми поради кои овој тим дури и испадна од македонската Прва лига.