„Некои играат без семафор и без лиценци, а ние цел буџет за казни го даваме!"

КК Борец од Велес доби казна од, околу 1.000 евра од Македонската кошаркарска федерација (МКФ), поради недолично однесување на некои од играчите во натпревар од Третата лига, по што следуваше жестока реакција. Клубот од Велес обвинува дека МКФ има двојни аршини и дека на многу екипи им прогледува низ прсти за прекршоци кои ја повредуваат регуларноста на натпреварите, а ним за помал грев им даде драконска казна. Клубот се пожали на својата фан-страница на Фејсбук, а соопштението ви го пренесуваме во целост.

КК Борец Баскет е единствен клуб кој со години наназад се обидува да ја одржи жива велешката кошарка. Минатата година без никакво спонзорство, со самофинансирање на играчите, додека годинава со скромен буџет се натпреваруваме во Третата (и најниска) лига. Во само еден натпревар е зададен сериозен удар, со казни поголеми од севкупните трошоци.

Официјалните лица на последниот натпревар против Спорт Тим од Неготино, без никаква свест за последиците, покрај досудените 4/5 лични грешки на сите играчи не се воздржаа да досудат техничка + 2 исклучувачки грешки. Техничка 1 - пцовка, исклучувачка 1 - шутираше на шише на клупа (???) и исклучувачка 2 - удирање “клоца“ на противнички играч. Овие 3 моменти чинат 61.000 денари, неприфатливо ако се земе во предвид дека е најнизок ранг на натпреварување во Сениорските лиги во Македонија, дека играат аматери кои немаат заработено ниту денар, настрана фактот дека во тимот моментално најстариот играч е роден 1996 година. Дополнително се казнува со 5.000 денари на терен фрлената лента хартија, иако беше прв, изолиран случај сезонава и публиката никогаш претходно не беше опомената.

За споредба какви работи поминуваат неказнети и премолчени, во некои од останатите клубоби од Трета Лига условите за игра се спортивни на пропозициите за натпреварување. Се игра без семафор за 24 секунди, без кожни баскети, без тренерски лиценци, без присуство на соодветен персонал... Со ова само се уништува Македонската кошарка и се доведува до апсолутно дно. Се занемарува упортната работа со млади и надежни кошаркари (М-18 настапува во Суперлига) а наместо тоа да се награди, се изрекуваат огромни казни кои постепено го згаснуваат клубот.

Да не останеме неми, споделете го овој пост за да се знае до кој степен работите излегуваат од контрола.