И вториот тим на МЗТ Скопје обезбеди место за настап во Првата лига!

Најталентираните кошаркари во младинскиот погон на МЗТ Скопје обезбедија можност клубот од Аеродром следната сезона да има два тима во Првата лига, откако со вечерашната победа на гости против Академија ФМП (77-66) со вкупни 163-153 излегоа како победници во финалето од второлигашкиот плејоф.

Ова е првпат во историјата на македонскиот спорт еден исти клуб да може да пријави два тима во најквалитетното натпреварување, што е валидно и според актите на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) бидејќи станува збор за два различни правни субјекти. Дали тоа ќе се случи ќе биде решено во текот на летово, откако управата на аеродромци ќе се обиде да обезбеди адекватен буџет за подмладокот да може да настапува во друштвото на најдобрите.

Ова е втор поголем успех на составот предводен од тренерот Горан Крстевски, а во кој настапуваат поголем дел од јуниорите на МЗТ Скопје, кои пред само една недела со истиот стратег станаа шампиони на Македонија во конкуренција на кошаркари до 18 години.

Академија ФМП, пак, има уште една шанса да влезе во Првата лига и тоа преку бараж-пресметка со последнопласираниот тим во елитата, Шкупи.