И Медфорд си замина: МЗТ Скопје со нови странци ќе ја брани титулата!

Екипата на МЗТ Скопје со нови странски засилување ќе се обиде да ја одбрани титулата во новата сезона, откако нова средина си пронајде и единствениот кој имаше двегодишен договор со шампионот, Лестер Медфорд.

Американецот, кој претходно договорно стави крај на соработката со шампионот и тоа на обострано задоволство, сезоната ќе ја продолжи во Летонија и тоа во дресот на ВЕФ Рига каде што денеска и официјално беше претставен. Медфорд добро ја почна минатата сезона, но нагло попушти во клучните средби во кои одигра под очекувањата. Во АБА2-лигата на 21 средба просечно реализираше 12,3 поени, 6,8 асистенции и 4,6 скока додека во домашното првенство на 29 одиграни натпревари имаше просек од 8,8 поени, 3,6 асистенции и 2,5 скокови.

Претходно, Џејмс Вудард замина во германскиот тим Бајројт, Андрија Бојиќ потпиша за романски Волунтари, а Иве Иванов се врати во матичниот Задар.