И кошаркарите добија протокол и тоа - од збор до збор ист како тој на ракометарите!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска го објави Протоколот за работа на клубовите при системот за превензија и заштита од Ковид-19, кој е идентичен и тоа буквално од збор до збор со документот кој пред неколку дена го објавија предводниците на ракометниот спорт кај нас.

Ваквата „копи-пејст“ техника од Куќата на кошарката можеби и не е изненадувачка, со оглед што станува збор за спортови кои се одигруваат во сала и кои по природа се релативно слични со оглед што се играат со рака. Нешто поразлично е што луѓето од КФМ напоменуваат дека Протоколот може да се дополнува и надоградува во зависност од проценката од страна на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Исто како и кај ракометарите, првите десет дена од подготовките екипите нема да смеат да тренираат групно. Предвидени се три дена за индивидуални тренинзи со секој ракометар, па уште една недела тренинзи во мали групи, до пет играчи. Дури потоа може да почнат „нормалните“ тренинзи со комплетна екипа, вели протоколот. Задолжително тестирање ќе има само еднаш и тоа 72 часа пред почетокот на натпреварите. Тоа што клубовите приватно организираа(т) тестирања пред тренинзи кажува колку е неопходно да има можеби и второ пропишано тестирање во овој протокол.

И за првите две етапи и за третата етапа од тренинзите, која, патем, ќе трае онолку колку што му е потребно на секој тим, важат детални правила за однесување на играчите и на клубот. На пример, секој од ракометарите мора да доаѓа сам на тренинг, со автомобил, а доколку се користи автобус, мора да бидат по еден играч на две седишта, дистанцирани. При влегувањето во сала редовно ќе им биде мерена температура на ракометарите и таа мора да изнесува од 36 до 37 степени за да влезат во салата. Секој од играчите треба да има по два комплета опрема за тренирање, која е должен да си ја пере сам дома, а просторијата за перење во салата (доколку ја има) да биде задолжително затворена.

Се пропишува строго дезинфицирање на предметите и просториите во салата, да се сведи на минимум користењето на соблекувалната, играчите да се тушираат дома, а по тренинзите да избегнуваат други социјални активности и веднаш да се упатат дома. Во ситуација кога повеќето (веројатно сите) екипи ова лето нема да имаат тренинг-кампови, дома или во странство, како што тоа се правеше досега, тогаш нема да биде спроведен оној карантински тип на изолација на тимот, но затоа препораката е играчите да бидат изолирани во своите домови.

Во делот од протоколот, кој се однесува на натпреварите, пропишано е екипите да пристигнуваат во строго определено време, за да не се совпаднат да пристигнат заедно. Патем се набројани сите други мерки кои се „горе-долу“ мерки и за генералното население: како задолжително носење маска, миење раце, пиење вода од посебно шише, избегнување на чешми, корпи за отпадоци и сл.

Она што крева прашина околу овој протокол е дали тој е само формален документ кој може да овозможи тренинзите да почнат или е суштинско упатство за работа на клубовите. Кошарката е тимски спорт со со релативно чести контакти помеѓу актерите на теренот, така што членовите од протоколот како „одржување на социјално растојание (нема ракување, гушкање, фрлање или кој било друг контакт)“ се смешни со оглед на контактот, блискоста кои се случуваат на теренот, а се неизбежни.

Целиот протокол може да го прочитате на следниот линк.