И Гостивар застана зад Антиќ: Време е пак сите заедно да се гордееме со кошарката!

По актуелниот првак Работнички, денеска и челниците на едно од најпријатните изненадувања во македонската кошарка во последните неколку сезони, тимот на Гостивар, јавно ја поддржаа кандидатурата на Перо Антиќ за претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Изборното Собрание ќе се одржи утре (12 часот), а засега единствен официјален противкандидат на тројниот европски шампион е Владимир Темелковски, син на поранешниот прв човек на макбаскетот Зоре Темелковски. Се очекува во игра да влезе и сегашниот прв човек на Куќата на кошарката, Петар Наумоски, за што во моментов има само најави.

„Гостивар со сите свои структури бескомпромисно ја поддржува кандидатурата на Антиќ и неговиот тим пред утрешниот избор за прв човек на МКФ. Време е кошарката да се врати на ново со кое ќе се гордееме сите, а спортот да стане реална опција во животот на младите генерации“, велат од Гостивар.

Ваквата поддршка од Западна Македонија за Антиќ е повеќе од очекувана, со оглед што тој до неодамна беше почесен претседател на овој клуб и еден од најголемите акционери. Тој се откажа од сето ова во моментот кога реши да влезе во игра за прв човек на МКФ.