Кошаркарите на Гостивар дојдоа до голема победа на тешкото гостување кај Куманово (91-79) со што останаа во самиот врв од табелата во пресрет на вториот дел од првенството, кое се очекува да биде едно од најнеизвесните во последната десетина години.

Избраниците на тренерот Марјан Србиновски лошо го почнаа мечот и уште во првата четвртина беа во негатива од дури 13 поени (14-27). Но, тоа како да ги налути, па продолжија да играат подобро и прво постепено го „топеа“ минусот, а во второто полувреме ја презедоа резултатската позитива. На крајот дури и убедливо победија, со што сигурно ќе бидат на делба на второто место во пресрет на последното коло од Првата лига, закажано за следниот викенд.

Ѓорѓе Џелетовиќ со 15 поени беше најпрецизен кај гостиварци, каде што Ентони Ли, Ивица Димчевски и Малком Армстед постигнаа по 14 поени, додека Горјан Марковски со 19 поени беше најефикасен кај Куманово.

Работнички исто така останува на делба на втората позиција, откако вечерва, по мала голгота и принудна преселба од „Градски парк“ (прокиснуваше) во салата во СРЦ „Кале“, лесно го совлада Вардар (81-76). Стефан Балмазовиќ со 26 поени беше убедливо најдобар кај центарци, додека Џуниос Провел со 20 поени беше прв стрелец кај вардарци.

Победа оствари и Пелистер, кој на домашен терен го совлада младиот состав на МЗТ Скопје УНИ Банка (83-77), со што речиси теоретски обезбеди опстанок уште пред стартот на Плејаут-лигата.