Кошаркарите на Гостивар му го нанесоа првиот пораз на Работнички во новата сезона и тоа буквално со „газење“ совладувајќи го големиот ривал со 91-65.

Конечниот епилог веќе беше познат по само неколку минути игра, со оглед што домашните почнаа фуриозно и со серија 16-2 му дадоа до знаење на гостинот дека нема што да бара во салата „Младост“. Единствена енигма до крајот беше со каква позитива ќе победи домашниот тим, кој не попушти во ниту еден момент па мечот го заврши со најубедливата предност на средбата. Ејасу Ворку со 24 поени и 10 асистенции беше најдобар кај гостиварци, додека Мустафица и Данаиловски со по 11 поени беа најефикасни кај центарци.

Екипата на ТФТ, пак, триумфира и во четвртиот меч по ред во новата сезона и тоа во мечот на домашен терен со младиот тим на МЗТ Скопје УНИ Банка (91-85). Фаворитот клучната предност ја оствари во вториот период во кој со серија 12-2 дојде до првото поопипливо водство (35-27), кое во третиот период го зголемија и до плус 25 (71-46). Потоа следеше опуштање кај домаќинот, што „штркчињата“ го искористија максимално, па во финишот дојдоа на само два поени негатива (83-85).

Но, тоа им го зеде целиот здив, па поискусниот ТФТ успеа да ги сочува бодовите. Ландриус Хортон со 19 и Страхил Николов со 17 поени беа најпрецизни кај домашниот тим, додека Рансом со 29 поени беше убедливо најдобар кај вториот тим на МЗТ.

Претходно денеска, Феникс по голема драма го совлада Ангели (83-80), МЗТ Скопје немаше проблеми против Куманово (86-71), додека Академија ФМП беше подобра од Еуро Никел (80-65). Утре ќе се сретнат Пелистер и Кожув.