Големо срце гевгелиско: Кожув и Блокотехна ќе играат за помош на сиромашните сограѓани!

Паузата во првенството поради настапот на репрезентацијата на Македонија во претквалификациите за ЕП 2021, кошаркарските прволигаши од Гевгелија, Кожув и Блокотехна, ќе го истористат на најдобар начин и тоа со одигрување на пријателски натпревар со хуманитарен предзнак.

Средбата ќе се одигра утре во гевгелиската сала „26 април“ со почеток во 18 часот. Билетите чинат 50 денари, а целокупниот приход ќе биде дониран на гевгеличланите на кои им е потребна помош. Исто така, во салата ќе бидат поставени кутии за дополнителни донации, со цел вкупната сума да достигне што е можно поголема бројка и да биде од помош на што е можно социјално загрозени граѓани на Гевгелија.

Со ова, гевгелиските кошаркарски колективи покажуваат како треба да функцинираат градски ривали и како треба да се однесуваат одговорни спортски субјекти кај нас, кои водат грижа за случувањата во општеството особено на слоевите кои имаат проблеми да го врзат едниот со другиот крај во месецот.