Веќе второто коло од Првата лига го донесе речиси сигурно најдраматичниот натпревар кој би можел да се одигра сезонава, откако Работнички на домашен терен, по голема борба, го совлада Гостивар (90-89) со кош на Данило Мијатовиќ буквално со звукот на сирената.

Дури и без овие поени на српскиот ветеран средбата ќе беше оценета како извонредна, со оглед што претходно гостиварци поведоа со 89-88 на 1,7 секунди до крајот со кош на Американецот Донован Доналдсон и тоа по офанзивен скок. Но, тоа не беше доволно за избраниците на тренерот Марјан Србиновски да дојдат до вториот триумф по ред, по искусниот потег на Мијатовиќ, кој неочекувано се најде сам под противничкиот кош по што не му беше тешко да реализира.

Со ова падна во вода одличната игра на Гостивар во сите претходни 40 минути во кои најчесто беше во водство и тоа со најмногу 12 поени разлика (44-32). Гостите имаа и плус девет на стартот од последниот период до кој дојдоа со девет поени во низа (79-70), но ниту тоа не беше доволно да се освои жешкиот терен во „Градски парк“. Во финишот имаше неколку промени во водството, а Србинот остана присебен во најклучниот момент од средбата.

Американецот Хејден Лескот со 25 поени и по осум скока и асистенции беше најдобар кај Работнички, каде што одлично одиграа и херојот Мијатовиќ со 17 поени и Двејн Бенџамин со 16 поени, а двоцифрени беа и Виктор Ефремовски со 14 и Стеван Глигоријевиќ со 13 поени. Доналдсон, кој за малку ќе беше јунак во својот тим, со 21 поен беше најпрецизен кај гостите.

Претходно во втората рунда, МЗТ Скопје Аеродром беше подобар од МЗТ Скопје, Еуроникел и Кожув беа убедливи против Пелистер односно Вардар, додека Куманово како гостин ја совлада Академија ФМП.