Главчев: Горд сум на моите момци и на цела Гевгелија - сѐ чувствувам како победник!

Без разлика на поразот во финалето против Работнички, првиот човек на Блокотехна, Томе Главчев, воопшто не беше разочаран што неговиот состав не дојде до историскиот прв пехар.

Напротив, тој изрази чувства на гордост не само за неговите кошаркари, туку и за цела Гевгелија за начинот на кој ги бодреа избраниците на тренерот Марин Докузовски.

„Бескрајно сум горд на моите момци, на цела Гевгелија за поддршката која ни ја дадоа, но и на градоначалникот Сашко Поцков за напорот кој го вложи да организира ваков спектакл. Без разлика на поразот се чувствувам како победник. Сепак, не е лесно да се победи тим како Работнички, но јас сум задоволен на кој начин го претставивме клубот и градот. Ова беше еден прекрасен настан кој треба да биде пример за сите други, што всушност треба да претставува кошарката и спортот воопшто“, изјави Главчев.

Пласманот во финалето како 16-та екипа во историјата е втор голем успех за гевгеличани во само една недела, по освојувањето на победничкиот пехар во Балканската лига (БИБЛ) пред седум дена.