Ѓорѓи Кочов вечерва влезе во историјата на македонската кошарка!

Младиот стратег на клупата на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов (33 години), со вечерашниот трет триумф по ред над Работнички и прв шампионски трофеј како тренер влезе во историјата на македонската кошарка како четврти стратег кој успеал да освои титула и како играч и како тренер.

Пред него тоа им успеа само на Јорданчо Давитков, Емил Рајковиќ и на Александар Јончевски, кои се радуваа на драгоцениот пехар во двете улоги. Кочов, кој има седум титули како играч (шест со Работнички и една со МЗТ), воедно е и деветиот македонски тренер кој успеал да го одведе својот тим до највисокото место на пиедесталот, по Александар Књазев, Марин Докузовски, Стерија Андоновски, Мирослав Георгиевски, Давитков, Рајковиќ, Александар Тодоров и Јончевски. Титули освојувале и четворица странци и тоа Власос Влаикидис, Алеш Пипан, Зоран Мартич и Анте Назор.

„Да бидам искрен, уште сум нервозен бидејќи натпреварот го прославивме уште во првата четвртина и сите мисли ни беа како веќе да сме го освоивме трофејот. Ова ми е прв трофеј во сениорска конкуренција, им честитам на момците, мислам дека заслужено славиме. Голема благодарност до управата на чело со Тони Грнчаров, кој веруваше од самиот старт во мене и покрај сите критики. Вративме на добар начин. Имавме напорна сезона, со 75 натпревари. За малку не дојдовме до АБА-1, Купот не сакам да го споменувам. Горд сум на овие играчи. Благодарност и до мојот стручен штаб, лекарскиот тим како и на претходникот во МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ, кој ме препорача за тренерското место“, изјави Кочов по големиот успех.

Кочов воедно стана и прв тренер на МЗТ Скопје кој успеал со чисти 3-0 д аго победи Работнички во големото финале.