Гевгелиска журка среде Охрид: Блокотехна ја задржи убедливата предност пред МЗТ!

Кошаркарите на Блокотехна ја задржаа предноста од две победи во однос на шампионот МЗТ Скопје во битката за втората позиција на табелата во Првата лига, откако вечерва без многу мака, рутински и искусно како гости го совладаа тимот на АВ Охрид (72-63).

Домаќинот одржуваше резултатска изедначеност само во првите осум минути од средбата, по што гевгеличани уфрлија во поголема брзина и со серија 12-0 дојдо до големи плус 14 (24-10) по само една минута игра од втората четвртина. Со тоа избраниците на тренерот Марјан Илиевски покажаа дека немаат намера да се вратат доба без двата бода во џебот, што го потврдија и во следните минути во кои обезбедија и позитива од 17 поени (31-14).

Охриѓани потоа вратија со десет поени во низа колку да ја спуштат негативата, но немаа сили да сторат нешто повеќе. Данило Мијатовиќ беше јунакот на Блокотехна со 26 поени, Бенџамин Двејн постигна 15, Горан Главчев 14, а Стојан Ѓуроски 13 поени. Стефан Глигоријевиќ со 16 поени беше најпрецизен кај АВ Охрид.

Составот од Гевгелија сега има скор 15-3, додека АВ Охрид 9-9 со што веќе ја загуби битката за петтата позиција на табелата со Куманово, а ќе продолжи да се „тепа“ со Фени индустри за последното место кое води во Суперлигата.

Претходно денеска, Шкупи и Пелистер беа подобри од Карпош Соколи односно Струмица, а Работнички немаше мака против Гостивар. Подоцна вечерва играат Куманово и Кожув, а 18. рунда се затвора во вторник кога МЗТ Скопје ќе го пречека Фени индустри.