Гевгеличани пак ќе бидат силни: Литванец ќе го штити рекетот на Блокотехна! (ВИДЕО)

Најпријатното изненадување од минатата сезона, екипата на Блокотехна, не запира со формирањето на респектабилен тим и за претстојниот шампионат, откако нивниот ростер денеска беше дополнет и со искусниот литвански центар Повилас Гаидис (27 год, 208 см).

Станува збор за кошаркар кој доминира во рекетот, но кој и тоа како знае да шутне од далечина и тоа погодувајќи речиси секој втор шут за тројка. Зад него се три сезони минати во Австрија и тоа една во тимот на Грац, а една во екипата на Гмунден. Особено импресивен беше во првата сезона во австриското првенство кога просечно реализираше 15,4 поени и 9,5 скокови. Претходно мина низ системот на американската НЦАА-лига во дресот на Саутистерн универзитетот.

 

 

Гаидис е третото странско засилување за Блокотехна летово, по задржувањето на Данило Мијатовиќ и ангажманот на Американецот Роберт Браун. Од минатата сезона се задржани капитенот Горан Главчев, Марјан Младеновиќ и Андреј Цветковски, а ангажирани се талентираните Глигоријевиќ од АВ Охрид и Николиќ од Работнички.