Финалето почнува в недела во „Градски парк“, а може да трае најдоцна до - 31 мај!

Финалната плејоф-пресметка за кошаркарската шампионска титула ќе почне в недела (20 мај) во салата „Градски парк“ каде што Работнички како најдобар во регуларниот дел од првенството ќе го пречека сѐ уште актуелниот првак МЗТ Скопје.

Ова беше дефинирано на денешниот состанок на финалистите заедно со челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), на кој е решено битката за трофејот да не трае повеќе од 12 дена под услов да се одиграат максималниот број од пет натпревари. Според договорот, вториот меч ќе се одигра на 23 мај (среда) во салата „Јане Сандански“ додека центарци повторно би биле домаќини два дена подоцна (25 мај). Четвртиот и петтиот дуел, ако бидат потребни, ќе се одиграат на 28 односно 31 мај, првиот во Аеродром, а вториот, како решавачка „мајсторка“, во салата во скопскиот Градски парк.

Првичните најави се дека сите финални средби ќе се одиграат во терминот од 20.15 часот, што е во договор со Македонската телевизија (МТВ) со цел тие да бидат директно пренесувани и тоа на првиот канал на националниот сервис.

Работнички и МЗТ Скопје сезонава одиграа вкупно пет средби, а скорот во досегашните меѓусебни средби е 3-2 во корист на центарци.