Фени првпат победи: Кавадарчани и покрај 43 шута за тројка, сепак, го победиja АВ Охрид!

Во возбудлив натпревар со неколку пресврти и едно продолжение, кошаркарите на Фени индустри го совладаа АВ Охрид (92-82) за прв триумф во новата сезона која ја отворија со два порази во низа.

Кавадарчани победија и покрај фактот што речиси во целиот меч како да играа ракомет односно сите играчи им беа надвор од линијата за три поени натпреварувајќи се кој повеќе пати ќе упати проектил од далечина. Тоа резултира со дури 43 шута за тројка од кои само 10 беа прецизни ( 23-отсто), што, сепак, се покажа како доволно да се совлада македонскиот претставник во АБА2-лигата, најмногу поради доминацијата во скокот (53-40).

Јане Петровски беше вистински лидер кога беше најпотребно, со девет поени во низа на стартот од продолжението со кои Фени И. брзо се резултатски одлепи (83-76). Потоа следуваа две технички грешки на клупата на охриѓани за пет слободни фрлања во низа за домаќинот со што беше ставен крај на оваа приказна од 3. коло од Првата лига.

Претходно, гостите почнаа силно, имаа водство, но кавадарчани вратија со серија 17-2 за преземање на иницијативата, која на крајот им ја донесе првата победа во новата сезона.

Американецот Шакеб Дејвис со 29 поени и 12 скока беше прв играч во таборот на Фени, Адам Мирковиќ постигна 19 поени со 11 скока, Андреј Магдевски постигна 16, а Петровски 12 поени. Французинот Реми Бери со 31 поени беше најпрецизен кај АВ Охрид.

Во првиот меч од третата рунда, Блокотехна без никакви проблеми го совлада Шкупи (115-83). Вечерва играат уште Куманово и Карпош Соколи.