Кошаркарите на МЗТ Скопје далеку полесно од очекувањата вечерва, на домашен терен, го прегазија секогаш незгодниот состав на Еуро Никел (93-60) со што и официјално го обезбедија првото место на табелата во пресрет на Суперлигата.

Во последниот меч од претпоследното 17. коло од првата првенствена фаза, „металците“ одиграа одличен натпревар и уште во првото полувреме дојдоа до сигурна предност со највисоки во овој дел од играта плус 13 (33-20). Тие и покрај високата разлика не застанаа ниту во продолжението, па со неверојатна серија 27-4 дојдоа до огромни плус 33 (72-39) со која ја најавија катастрофата на гостинот. МЗТ Скопје со ова со камата им се реваншира на кавадарчани за високиот пораз во салата „Јасмин“ во првиот дел од шампионатот (78-92).

Најдобар кај шампионот беше Феми Олуџоби, кој средбата ја заврши со 22 поени и шест скока, Дамјан Стојановски реализира 14 поени, додека за одбележување е и универзалниот настап на Андреј Магдевски, кој реализира девет поени со седум скока и девет асистенции. Колку играше лошо Еуро Никел говори и фактот што ниту еден кошаркар од овој тим немаше двоцифрен поентерски ефект, а најблиску до тоа беа Александар Марзет и Никола Караколев со по девет поени.

Вечерашниот меч засекогаш ќе го памети 16-годишниот кошаркар на МЗТ Скопје, Никола Василевски, кој за две минути колку што доби од тренерот Ѓорѓи Кочов, постигна четири поени, негови прво на сениорска прволигашка сцена.

РЕЗУЛТАТИ-17. КОЛО: Академија ФМП-Кожув 83-73, Работнички-Вардар 81-76, Пелистер-МЗТ Скопје УНИ Банка 83-77, Куманово-Гостивар 79-91, МЗТ Скопје-Еуро Никел 93-60.

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 14-3, Работнички 12-5, Гостивар 12-5, Кожув 11-6, Еуро Никел 11-6, Куманово 10-7, Пелистер 8-9, Академија ФМП 4-13, Вардар 3-14, МЗТ Скопје УНИ Банка 0-17.