Кошаркарите на Работнички ќе се појават во утрешното големо финале од Купот на Македонија, кој од годинава го носи името на легендарниот Благоја Георгиевски-Буштур, откако излегоа како победници по вечерашната рововска полуфинална битка против Еуро Никел (85-79).

Центарци во утрешниот дуел за победничкиот трофеј ќе се сретнат со најголемиот ривал МЗТ Скопје (17.30 часот), што ќе биде седмо вечно дерби во финалните куп-пресметки воисторијата. До шансата да го одбранат пехарот од пред две години во Гевгелија, избраниците на тренерот Димитар Мираковски дојдоа пред сѐ поради смирената и паметна игра во последната четвртина (28-18). Клучен фактор во овој период беше Филип Бундовиќ, кој маестрално се снаоѓаше во рекетот и мајсторски ги надмудруваше противничките центри.

Кавадарчани, пак, може да жалат за пропуштената шанса да играат во финалето, бидејќи повеќе време беа во водство, но снемаа сили во клучните моменти. Мора да се нагласи дека важен фактор беа и проблемите со личните грешки, пред сѐ на Роберт Рикиќ, чија четврта лична грешка многу пред крајот воедно беше и голема судиска грешка. Демиер Питс сам се сопна, но тие од нејасни причини му досудија фаул на хрватскиот џин, кој потоа мораше долго да седи на клупата, што секако влијаеше врз играта на тимот на Горан Самарџиев.

Бундовиќ беше убедливо најефикасен со 29 поени, додека одличен кај црвено-белите беше и Мирко Мулалиќ со 17 поени. Рикиќ и Јане Петровски со по 16 поени беа најпрецизни кај кавадарчани.

Во утрешното финале, Работнички ќе го брка 11-от триумф во Купот на Македонија, додека МЗТ Скопје ќе се обиде да се изедначи со најголемиот ривал со освојување на десеттиот пехар.