Ѕвезда од НБА одигра баскет „еден на еден“ со градоначалникот на Охрид! (ФОТО)

Турскиот репрезентативец со македонско потекло, Чеди Осман, кој настапува во НБА за екипата на Кливленд кавалирс, деновиве ги минува во својот роден град Охрид, каде што традиционално доаѓа да одмори од напорната сезона, но и да ги посети многубројните роднини кои ги има во нашата држава.

Престојот на поранешниот соиграч на Леброн Џејмс го искористи новиот градоначалник на бисерот крај Охридското езеро, Константин Георгиески и тоа за да одигра партија баскет „еден на еден“. Место на „пресметката“ беше салата „Билјанини извори“, а на јавноста не и е понуден резултатот од овој дуел помеѓу градскиот татко и кошаркар кој иако игра за Турција редовно потенцира дека е роден во Охрид односно Македонија.

Чеди (22 години), по татко е Турчин, а по мајка Босанец, живеел во Охрид до својата четиригодишна возраст и тоа спроти пазарот, а потоа со семејството се преселил во Сараево каде што почнал да тренира во поранешниот европски шампион Босна. Оттаму, на 12 години, заминува во Анадолу Ефес од Истанбул од каде што потоа продолжува во НБА.

Осман во секоја прилика покажува дека е горд на своето македонско потекло, а тоа најдобро го покажа на годинешниот олстар-викенд, на кој настапи со специјални патики на кои беа исцртани знамињата на Турција на едната и на Македонија на другата.