Двајца позитивни на Ковид-19 во Работнички - виси стартот на првенството!

Еден од двајцата Американци, кој и минатата сезона беше дел од овој тим, како и еден од помладите домашни играчи од таборот на Работнички пројавиле симптоми на коронавирусот, поради што веднаш биле тестирани и излегле позитивни на Ковид-19, утринава е топ-вест во кошаркарските кругови, која носи главоболки и во неколку останати прволигаши кои деновиве играа пријателски натпревари со центарци.

Деновиве се очекува ново групно тестирање на сите во тимот од „Градски парк“, но и во екипите на ТФТ и Куманово, кои изминатиов период спарингуваа со избраниците на тренерот Димитар Мираковски. Засега ниту еден од овие два тима нема пројавено симптоми на Ковид-19, но по направените тестови ќе се знае дали во овие клубови е пренесен коронавирусот од таборот на Работнички.

Појавата на Ковид-19 во кошаркраските екипи дефинитивно го загрозува стартот на домашното првенство, кое според најавите треба да почне на 3 октомври. Со оглед што периодот на изолација на заразените и тие што биле во контакт со нив ќе трае две недели, прашање е дали Првата лига ќе може стартува во предвидениот рок или ќе треба да се пролонгира.