Кошаркарите на Работнички триумфално си заминуваат од гостувањето во Аеродром, откако попладнево, по голема борба, минимално го совладаа МЗТ Скопје (75-74) во драматичен меч во кој подобро се снајдоа во финишот, без разлика што домаќинот го имаше водството во поголемиот дел од средбата.

Јунак во црвено-белиот табор беше словенечкиот интернационалец Мирко Мулалиќ, кој ја постигна клучната тројка и тоа од девет метри, со што не само што го анулира водството на противникот (72-74), туку и донесе минимално водство за својот тим. „Металците“ имаа 24 секунди за последниот напад, но не го организираа како што сакаа, па дури и не упатија шут туку само ја загубија топката. Потоа следуваа очајнички обиди за украдена топка, но тие беа неуспешни, за славје кај центарци.

МЗТ одигра подобро во првата и во последната четвртина, додека гостите беа подоминантни во вториот и третиот период, поради што натпреварот беше неизвесен со многу пресврти. Аеродромци со седум поени во низа дојдоа до солидни плус пет на средина од четвртиот дел од играта (71-66), но му дозволија на противникот да финишира со серија 6-0 за да дојде до конечна победа. Сино-белите во првото полувреме имаа и плус 13 (28-15), но тоа не беше доволно да се дојде до посакуваниот триумф.

Херојот Мулалиќ и Филип Бундовиќ со по 16 поени беа најпрецизни кај Работнички, додека Тхортон реализира 14 поени, додека Адем Мекиќ беше најдобар кај МЗТ со 18 поени и фантастична игра во одбрана, а Бојан Крстевски и Хасани Гравет постигнаа по 15 поени.

Работнички сега има скор 12-5, додека МЗТ Скопје е на учинок 10-6.