Драма со среќен крај за Блоко: Мијатовиќ во последната секунда го сруши Работнички

Кошаркарите на Блокотехна го направија можеби најголемиот исчекор кон третото место на табелата пред плејофот, откако попладнево, во Куманово, го совладаа актуелниот шампион Работнички (90-89) со кошот на Данило Мијатовиќ речиси во последната секунда од натпревар.

Тоа беше сигурно највозбудливиот и најдраматичен меч сезонава, во кој двете екипи имаа по една одлична четвртина во првото полувреме, а потоа наизменично правеа серии за резултатски пресврт до самиот крај. Гевгеличани имаа плус три на 49 секунди до крајот (87-84), но потоа Чавдар Костов беше фаулиран во шут за тројка по што ги погоди сите три слободни фрлања за изедначување. Следуваше едно прецизно слободно на Брендон Пен (88-87) и кош на Марјан Јанески на пет секунди до крајот за минимално водство на центарци. И кога сите послија дека тоа е конечниот удар на тимот од „Градски парк“, на сцена стапи ветеранот Мијатовиќ кој стрелаше за голема победа на Блоко.

Податокот дека тимовите дури 17 пати се сменија во водство, а резултатот седум пати беше изедначен доволно говори дека гледачите во Куманово беа сведоци на ретко видена драма во македонската кошарка. Тимот предводен од Марјан Илиевски успеа да победи и покрај тоа што противникот погоди неверојатни 17 тројки со само 12 промашувања (58-отсто), нешто што не се гледа ниту во НБА-лигата. Згора на тоа, составот од Негорци играше и без повредените Горан Главчев и Петар Николиќ, додека во тимот на Работнички се врати повредениот Бојан Крстевски.

Кенет Фундербург со 31 и Брендон Пен со 23 беа најпрецизни во победничкиот тим, додека Костов и Димитар Караџовски со по 20 поени беа најефикасни кај скопјани. Со овој триумф, Блокотехна за зацементира на третата позиција со скор 21-8, пред Гостивар кој има меч помалку 19-9. За да остане на ова место, на гевгеличани им е потребна само уште победа над отпишаното Куманово следната среда на домашен терен, по што ќе биде и официјално дека во полуфиналето од плејофот ќе играат против Работнички.

Истовремено, овој тим ја реши и битката за првата позиција пред плејофот со оглед што МЗТ Скопје сега има доволна предност пред центарци дури и ако ги загуби последните два меча, вечерва на гости кај Гостивар и следната среда против вечниот ривал.