Докузовски: Сега нема да ги карам играчите за поразот бидејќи - изгинаа на теренот!

Ако Марин Докузовски удри со „дрва и камења“ по своите кошаркари по катастрофалниот пораз од МЗТ Скопје во првиот финален меч, вечерва, по вечерашниот неуспех на Работнички, искажа далеку попофални зборови за момците во црвено-бели дресови.

Сето ова е разбирливо, бидејќи центарци скоро 35 минути беа во водство и го контролираа ритамот и тоа без двајца плејмејкери, повредените Мираковски и Караџовски, а паднаа дури на крајот кога снемаа сили.

„За мене, како тренер, ова беше сосема различен меч од претходниот. Сега морам да ги пофалам кошаркарите, тие вечерва изгинаа на теренот. Мене ми е работа да ги карам кога играат лошо, но и да ги фалам кога се добри. Голем хендикеп за нас беа повредите на Мираковски и Караџовски, нормално беше да снемаме сили на крајот. Му честитам на МЗТ на победата, имаат поголем ростер од нас. Да беше Караџовски во тимот (се повреди во 30. секунда – н.з.) можеби ќе имавме повеќе шанси да победиме вечерва, а останавме и без Стајиќ поради пет лични во финишот и тука падна нашата игра. Уште пред да почне финалето, кажав дека МЗТ е фаворит со нас, меѓутоа Работнички како екипа мора да оди до крај. Јас затоа бев лут на претходниот меч зашто не беше така. За денес немам никакви забелешки. Јасно е дека противникот има десет квлаитетни играчи, има ротација и ќе биде уште потешко за нас задутре. За мене важно е да излеземе на терен и да се бориме, а ако МЗТ е подобар, ќе му честитаме, тоа е дел од спортот“, изјави Докузовски.

Аеродромци водат со 2-0 во серијата и првата шанса за седмата титула ќе ја имаат задутре на домашен терен.