Докузовски најави заминување од клупата на Работнички по финалето со МЗТ!?

Огромно беше разочарувањето кај Марин Докузовски по огромниот пораз на Работнички во денешниот прв финален меч од плејофот против МЗТ Скопје (44-80), поради што прво удри со сета сила по играчите, а потоа најави заминување од клупата по завршување на сезоната.

Тој рече дека сака да земе одмор од тренерската работа, а што ќе прави дополнително ќе реши.

„Без разлика како и да заврши ова финале, планирам да земам одмор од тренерската работа. Тоа го најавив и пред почетокот на плејофот, ќе треба да се седнам и да се видам што понатаму. Ми истекува договорот со Работнички, мислам дека ќе земам малку одмор, уморен сум од сето ова. Може да останам нешто друго во Работнички, може да не останам, ќе видиме. Јас сум фокусиран на финалето и гледам само на мечевите што се пред нас. Иако не можам да го разберам тоа што ни се случи денеска“, изјави Докузовски.

Тој потоа се осврна и на шпекулациите дека ќе биде нов селектор на репрезентацијата на Македонија.

„Што се однесува за селекторската функција, не сум разговарал со никого на таа тема. Во моментов тоа не е важно. Па и кој би земал тренер што губи со скор 40 поени разлика“, со шега го заврши разговорот Докузовски.