Докузовски: Дефанзивата одлучи, сега МЗТ Скопје нема право на грешка!

Големата борба во текот на сите 40 минути и пеколниот финиш со среќен крај ја направија победата над МЗТ Скопје уште послатка, барем така смета тренерот на Работнички, Марин Докузовски, чија екипа поведе со 1-0 во финалето што се игра до три победи.

Искусниот стратег е свесен дека неговиот тим не блескаше, но среќен е што одигра најдобро кога беше најпотребно – во последната четвртина.

„Во натпреварот влеговме со голем притисок, поради што добри три четвртини.не одигравме како што треба во одбрана. Не се придржувавме на договореното пред мечот, а згора на тоа МЗТ одигра одлично во овој период од играта. За среќа, во последната четвртина влеговме во посакуваниот ритам, а и покрај сѐ победата ни ја донесе дефанзивата“, вели Докузовски.

Успехот на центарци е уште поголем ако се знае дека цело второ полувреме играа без моторот на екипата, Димитар Мираковски.

„Повредата на Мираковски и тоа како ја намалува радоста по големиот триумф. Станува збор за бутниот мускул, незгодна повреда која ако се повреди најверојатно ќе го оддалечи плејмејкерот надвор од теренот за целата финална серија. Но, дури утре дефинитивно ќе знаеме на што сме откако ќе ги мине деталните лекарски прегледи“, дополнува предводникот на црвено-белите.

Докузовски очекува тежок втор меч в среда, во кој неговиот тим, сепак, ќе влезе порастоварено, а противникот со императив да победи.

„Сега притисокот на префрлен на страна на МЗТ Скопје, поради што ќе ни биде за нијанса полесно на гостувањето во 'Јане Сандански' в среда. Свесни сме дека ќе нѐ очекува сериозен напад од противникот, кој сега едноставно нема право на грешка. За мене најважно од сѐ е што вечерашниот меч мирна во мирна и спортска атмосфера и се надевам дека така ќе биде во сите останати дуели од финалната серија“, завршува тренерот на Работнички.

Ова е прв финален дуел на вечните по пауза од четири години, а вкупно осми досега. Тимот од „Градски парк“ ја брка 15-тата титула, прва по сушниот период од 2009 година, а аеродромци седмиот шампионски трофеј во низа.