„Да знаев дека Вашингтон играл во НБА – немаше да го донесам во Работнички!“

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, беше ептен расположен по синоќешната победа против Блокотехна во финалето од Купот на Македонија, разбирливо со оглед што на клубот му го донесе десеттиот трофеј и пак го направи најтрофеен во ова натпреварување.

Покрај случувањата на паркетот, тој по средбата со гевгеличани издвои време да го прокоментира ангажирањето на Американецот со македонски пасош, Дариус Вашингтон, кој седеше на клупата на последните две средби на центарци, но не доби шанса да влезе во игра.

Популарниот „Доктор“ малку и беше зачуден кога му кажавме дека донел играч кој има и искуство од играње во најсилната лига на светот и тоа во дресот на Сан Антонио спарс во 2007 година. Тогаш беше дел од филијалата на „мамузите“ во НБДЛ-лигата, Остин Торос, по што доби шанса и да го облече дресот на повеќекратниот шампион заедно со легенди како Џинобили, Паркер и Данкан.

„Искрен, не знаев дека играл во НБА, да знаев немаше да го потпишам бидејќи сфаќањата на кошарката таму и тука се многу поразлични“, со насмевка на лицето прокоментира Докузовски.

Веднаш потоа, тренерот на Работнички продолжи максимално сериозно.

„Шегата на страна, од Дариус очекувам дека ќе ни биде од голема помош, секако кога ќе влезе во полн тренажен ритам со останатите играчи. Уште кога слета во Скопје знаевме дека ќе ни треба време да го вратиме во форма (првиот впечаток е дека има доста килограми повеќе од потребното за еден кошаркар-н.з.), но сигурен сум дека ќе успееме во тоа. Тој и сега сакаше да помогне, постојано ми велеше дека може да одигра 20 минути во максимален ритам, но не сакав да ризикувам. За него сум слушал многу добри работи од минатото, ми кажувале дека во периодот кога беше дел од репрезентацијата на Македонија бил вистински ѕвер на тренинзите. Неговите 'пресметки' еден на еден со Врбица Стефанов биле епски, имало моменти кога другите само се повлекувале на страна и уживале во нивните мајстории“, дополнува стратегот на центарци.

И самиот Докузовски е свесен дека Вашингтон денеска е далеку од тој од времето за кое слушал приказни, но и покрај тоа верува дека ќе може да го искористи на најдобар можен начин за тимот.

„Од тоа време се минати десетина години, тој е сега во залезот на кариерата, но ако одигра само 50-отсто од тоа што го можел тогаш, јас ќе бидам задоволен. И тоа ќе биде доволно да го направи тоа што го посакуваме“, завршува Докузовски.

Вашингтон речиси сигурно ќе остане единствениот Американец во тимот на Работнички сезонава, со оглед што неговиот сонародник, Ксавиер Џонсон, нема да може да игра иако веќе извесно време е во Македонија. Причина за тоа е задоцнетата регистрација, иако приказната сѐ уште не е целосно затворена бидејќи тимот од „Градски парк“ се жалеше до Арбитражната комисија.