Ден за дерби: Работнички со нов Американец, МЗТ со оздравениот капитен!

Денешниот ден ќе го донесе второто пандемиско вечно дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички (16 часот), чие следење во живо ќе биде привилегија само на актерите и на мал број луѓе од управите на двата клуба, што секако нема да ја намали привлечноста на пресметката на двата најдобри кошаркарски колективи кај нас.

Тоа ќе биде 154. издание на „војната“ помеѓу сината и црвената страна на главниот град, кое, овој пат, ќе се случи во малата сала од СЦ „Јане Сандански“, што исто така е нешто што првпат се случува во историјата на овие најголеми кошаркарски пресметки. Двете екипи се во период на натчовечки напори, откако добија наредба од КФМ да играат на секои 48 часа, како „награда“ што ја претставуваат Македонија на регионална сцена во АБА2-лигата, поради што играчите од двете страни се веќе пред крајот на силите во моменти кога секога грешка може скапо да чини.

Центарци на овој натпревар првпат во составот ќе го имаат најновото засилување Иван Аска (30 год, 203 см) кој е роден на Флорида и кој покрај американското има и државјанство на Девствените острови и на Порторико. Тој во „Градски парк“ доаѓа од Израел, каде што играше за Хапоел Хевел, каде што просечно реализираше 21 поен и 8,6 поени по меч, а од него се очекува да биде замена за Стефан Балмазовиќ, кој беше најдобриот стрелец на екипата сезонава. Но, неговата регистрација значи дека тренерот Димитар Мираковски ќе треба да изостави еден од странците кои настапуваа изминатиов период, а тоа се Мулаловиќ, Питс, Бундовиќ и Тхортон, со оглед што според правилата само четворица странци може да се најдат во составот на секоја екипа во домашното првенство.

„Металците“ од Аеродром, пак, ќе го имаат капитенот Дамјан Стојановски назад во тимот, по отсуството поради позитивен тест на коронавирусот, а единствен на кого нема да може да смета тренерот Дарко Радуловиќ ќе биде Андреј Магдевски поради повреда на раката. Стратегот на сино-белите исто така ќе мора да остави еден од странците на трибините, со оглед што има петмина на располагање (Олуџоби, Хасани, Тарнер, Бојиќ и Карачиќ) и сите се подготвени за настап.

МЗТ и Работнички во денешниот дуел влегуваат со идентичен број порази, по пет, и со десет односно 11 победи, со што се изедначени со Пелистер, кој, пак, во моментов има и остварено 15 триумфи. Поради тоа, двата тренери сакаат да дојдат до триумф, за да ја продолжат успешната серија која изнесува пет победи за црвено-белите од Центар односно два на сино-белите од Аеродром, но и да останат во игра за лидерската позиција на табелата.

Ова ќе биде трето вечно дерби сезонава, а второ на домашна сцена, со оглед што едната пресметка беше во склоп од АБА2-лигата. Првиот дел во „Градски парк“ го доби Работнички со 94-90, а вториот на турнирот во Сараево го доби МЗТ Скопје со 84-82.