Дебитантот никому не простува: ТФТ убедливо му се одмазди на Куманово!

Кошаркарите на ТФТ уште еднаш го потврдија епитетот најпријатно изненадување сезонава во Првата лига, откако вечерва, како гости, совладаа уште еден фаворит за висок пласман и тоа тимот на Куманово (94-88).

Составот од скопската населба Тафталиџе доминираше во најголемиот дел од средбата, а домаќинот единствено што направи се стартните четири поени во низа. На тоа скопјани вратија со 6-0, а пред крајот на првиот период веќе имаа солидни плус седум (23-16). Избраниците на тренерот Боро Смилковски умешно го одржуваа и зголемуваа водството до првата половина од последниот период, кога дојдоа до највисокото водство од 17 поени (81-64), кога ја намалија брзината. Кумановци делумно го искористија тоа, за да ја сведат убедливата негатива до пристоен пораз.

Лахлан Андерсон со 21 и Тајрон Харис со 20 поени беа најпрецизни во победничкиот тим, каде што Амир Смит имаше 16 поени со 13 скока. Кори Рос со 18 и Александар Андрејевиќ со 16 поени беа најпрецизни кај домаќинот.

Ова беше своевиден реванш на ТФТ за поразот од Куманово (82-83) во првиот дел од прволигашката конкуренција, за седми триумф во деветте досега одиграни средби со што се најдоа на втората позиција на табелата.

Претходно денеска, Вардар како гостин го победи Црн Дрим (81-68) во дербито за опстанок во елитата, додека вчера Еуро Никел беше подобар од МЗТ Скопје УНИ Банка (90-79). Вечерва играат уште и Гостивар и Академија ФМП односно Пелистер и Кожув.