Нималку лесно, како што многумина очекуваа, кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до четвртата победа на домашна сцена, совладувајќи го вечерва, во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“, жилавиот дебитант Гостивар (75-67) во последниот меч од 6. коло од Првата лига.

„Металците“ постојано беа во водство и апсолутно заслужено дојдоа до бодовите, но мораа сериозно да се испотат за да дојдат до посакуваната цел. Гостите не беа импресионирани од квалитетот на сино-белата чета од Аеродром, го дадоа апсолутниот максимум и теренот го напуштија со кренати глави и покрај конечниот неуспех. Во финишот дури и намалија на само четири поени негатива (60-64), но немаа сили за нешто повеќе од тоа.

Марко Симоновски го одигра најдобриот меч по враќањето на теренот, откако паузираше речиси шест месеци поради повреда на скочниот зглоб. Искусниот бек средбата ја заврши како најефикасен со 22 поени и седум скока, покажувајќи дека можеби неоправдано е изоставен од поширокиот список на селекторот Јорданчо Давитков за претстојните претквалификациски средби против Словачка и Швајцарија.

Двоцифрен учинок имаше и Бојан Трајковски со 13 поени и 11 скока. Јурај Сегариќ и Александар Тодоровиќ постигнаа по 18, а Ивица Димчевски 14 кај Гостивар.

Претходно во рамки на шестата рунда, АВ Охрид беше пресилен за Шкупи, Работнички немаше мака против Блокотехна во пресметката на непоразените, Кожув ја освои Струмица, Карпош Соколи го згази Пелистер, а Фени индустри во драматичен меч со две продолженија, како гостин, го победи Куманово.

ТАБЕЛА: Работнички 6-0, Блокотехна 5-1, Карпош Соколи 5-1, МЗТ Скопје 4-2, Гостивар 4-2, Фени И. 4-2, АВ Охрид 4-2, Куманово 2-4, Пелистер 1-5, Кожув 1-5, Струмица 0-6, Шкупи 0-6.