Дамјан Стојановски и десетта сезона во сино-белиот дрес на МЗТ!

МЗТ Скопје и следната сезона во своите редови ќе го има капитенот Дамјан Стојановски, кој денеска и официјално го обнови договорот со актуелниот шампион на Македонија.

Следната сезона ќе биде десетта за македонскиот репрезентативец во сино-белиот дрес на тимот од Аеродром, со што само го потврдува местото меѓу легендите на овој клуб. Нивната соработка, барем според клубот, се планира да продолжи и по неговото играчко пензионирање и тоа како функционер во составот од „Јане Сандански“.

„Кога двајца се сакаат и почитуваат, договор лесно се постигнува па така и официјално може да потврдиме дека нашиот Дамјан и десетта сезона ќе го носи сино-белиот дрес на деветкратниот шампион на Македонија. A, дека „врската“ е сериозна и на долги патеки говорат и плановите на управата за вклучување на Стојановски во клупскиот менаџмент, секако откако ќе реши да ја заврши играчката кариера“, се вели во соопштението на „металците“.

Стојановски првпат во МЗТ дојде во 2012 година, а оттогаш не беше дел од овој тим само во сезоната 2016/17, кога се опоравуваше од тешката повреда добиена на меч за македонската репрезентација. Дамјан со аеродромци дојде до седум шампионски трофеи, пет победи во Купот на Македонија и три во Суперкупот.

Покрај него, во моментов под договор со деветкратниот шампион од составот од минатата сезона се и Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев и Бре Ајви, како и тројцата младинци – Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.