Кошаркарите на МЗТ Скопје без никакви проблеми, лесно и убедливо, дојдоа до вториот по ред триумф во домашната Прва лига, откако денеска, како гости во малата сала во СРЦ „Кале“ до совладаа повратникот во елитата Вардар со 102-72.

Мал куриозитет на оваа средба е фактот што црвено-црните беа подобри во две четвртини, првата (25-24) и последната (21-20), но и покрај тоа на крајот на семафорот имаа голема негатива. Сино-белите работата ја решија во вториот и третиот период, кои ги одиграа во четврта брзина и ги доби со преубедливи 58-26.

Аеродромци имаа петмина со двоцифрен ефект, од кои најефикасен беше Андреј Маслинко со 20 поени и 10 скока, додека Дамјан Стојановски постигна 17 поени со само едно промашување (3/4 за 3п, 1/1 за 2п, 6/6 за 1п). Андрија Бојиќ беше стрелец на 15 поени со девет скока, Андреј Магдевски реализира 11 поени додека Лестер Медфорд застана на 10 поени. Американецот Џиниус провел со 25 поени беше најпрецизен кај Вардар.

Првиот денешен меч кој требаше да се одигра помеѓу Шкупи и Фени индустри е одложен поради лошата состојба на салата во Чаир, а подоцна вечерва играат Работнички против Кожув односно Блокотехна со Пелистер. Третата прволигашка рунда ќе се заокружи утре со дуелот помеѓу АВ Охрид и Куманово.