Кошаркарите на Работнички остануваат единствени непоразени сезонава во Првата лига, откако вечерва ги издржаа сите налети и победија во пеколната атмосфера во Гостивар (78-76) во меч од 7. коло од елитната конкуренција.

Ценатрци заслужено дојдоа до бодовите, но мораа да запнат во финишот и најмногу со помош на искуството да го совладаат максимално мотивираниот и борбен домаќин. Серијата 12-0 кон средината на последниот период се покажа како клучна за триумфот на црвено-белите, бидејќи со тоа направија резултатски пресврт по солидната позитива на гостиварци од пет поени (59-64). Избраниците на тренерот Марјан Србиновски потоа изедначија на 73-73, но тоа беше сѐ што сторија на оваа средба.

Работнички бодовите во Гостивар би можел и скапо да ги плати поради повредата на Ѓорѓи Чековски, кој второто полувреме го проседе на клупата откако почуствува болка во стапалото. Утрешните детални лекарски прегледи ќе покажат колку е сериозен проблемот и дали тој ќе го спечи популарниот Станко да настапи за репрезентацијата на Македонија во претквалификациските средби за ЕП 2021 против Словачка и Швајцарија на 23 односно 26 ноември.

Маркус Гинјард со 18 поени, пет скока и седум асистенции беше најдобар кај Работнички, Бојан Крстевски постигна 15 поени со осум скока додека Виктор Ефремовски и Чавдар Костов дополнија со по 12 поени. Ивица Димчевски со 23 и Александар Тодоровиќ со 21 поени беа најпрецизни кај Гостивар.