Бомба од „Градски парк“: Американци влегуваат во Работнички?!

Во најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички, во следниот период би можело да дојде до промена на сопственичката структура, дознава „Спорт1“, откако деновиве се засилија шпекулациите дека американски бизнисмени се сериозно заинтересирани да дојдат до контролниот пакет акции во составот кој за дваесетина дена треба првпат во клуспакта историја да „заплива“ на Јадранот.

Според нашите информации, зад идејата да се дојде до сопствеништвото со црвено-белиот тим стои извесен Крис Грант, човек со име и презиме идентично како тоа на поранешниот генерален менаџер на Кливленд кавалирс, иако, во моментов, нема никаква потврда дека станува збор за истиот човек. За можноста во Работнички да влезе американски капитал се говори и во соседна Србија, од каде што доаѓа втора потврда за шпекулацијата покрај таа од „македонски извори“, поради што оваа опција треба да се сфати како сериозна и сосема можна.

Најтрофејниот кошаркарски колектив во моментов е во стоотстотна сопственост на општина Центар, од каде што и во минатото во повеќе наврати се изјавувало дека се отворени за отстапување односно продажба на акциите на луѓе заинтересирани да вложат средства во црвено-белиот тим. Во времето кога Андреј Жерновски беше прв човек на оваа општина, актуелна беше опцијата за директна соработка, па дури и купопродажен „дил“ со познатиот менаџер Мишко Ражњатовиќ, по што Работнички требаше да биде своевидна македонска верзија на српскиот тим Мега. Поранешниот градоначалник заедно со тогашниот тренер Марин Докузовски дури и беше во Белград на преговори, со посредништво на Перо Антиќ, кој е голем пријател и тогашен клиент на менаџерот, но од сето тоа не излезе ништо.

Слични изјави изминатиов период имаше и од сегашниот „општински татко“, Саша Богдановиќ, кој исто така во повеќе наврати потенцира дека ќе стори сѐ клубот да го постави на цврсти нозе за подолг период и воедно да му обезбеди сигурен дом со изградба на нова сала. Центарци сезонава првпат се пријавија за настап во АБА2-лигата, каде што ќе дебитираат на турнирот кој од 9 до 19 ноември ќе се одржи на Златибор (Србија). Таму, во т.н. „балон“, ќе се одиграат првите четири кола од ова натпреварување.

И.К.