Блокотехна со 14 тројки го торпедира Пелистер, „рибарите“ во кумановска мрежа!

Последните две средби од 14. коло од Првата лига донесоа релативно лесни победи за Блокотехна и Куманово во пресметките на гости со Пелистер (81-66) односно дома со АВ Охрид (77-69).

Гевгеличани континуирано ја зголемуваа предноста во Битола и во ниту еден момент не му дозволија на противникот да помисли на резултатски пресврт. Шутот од далечина беше најсилно оружје на четата предводена од тренерот Марјан Илиевски, за што говорат и 14-те постигнати тројки. Данило Мијатовиќ со 22 поени беше најефикасен, додека Предраг Николиќ постигна 15, Повилас Гаидус 14, а Горан Главчев 12 поени. Мико Голубовиќ со 19 поени беше најпрецизен кај битолчани.

Кумановци веќе на полувремето имаа плус 16 (43-27) во пресметката со „рибарите“ од Охрид, што донесе опуштање во нивните редови, нешто што гостите го искористија да намалат на релативно пристојна негатива. Филип Дујмиќ и Бранислав Ѓекиќ со 16 односно 14 поени беа најдобри кај Куманово, додека Стефан Младеновиќ со 19 поени беше најефикасен кај охриѓани.

Вчера, МЗТ Скопје лесно го совлада Вардар, Работнички немаше мака на гостувањето кај Кожув додека Фени индустри рутински го преслуша Шкупи.

ТАБЕЛА: Работнички 12-1, МЗТ Скопје 11-2, Блокотехна 11-2, Фени 8-5, Гостивар 8-4, Куманово 7-6, Кожув 6-7, АВ Охрид 3-10, Пелистер 2-11, Вардар 2-10, Шкупи 0-12.