Блокотехна не издржа до крај: „Кенгурот“ Бојиќ му донесе 13-то финале на МЗТ Скопје!

Кошаркарите на МЗТ Скопје се најдоа во големото финале од плејофот и тоа по 13. пат во клупската историја, откако вечерва, по голема борба, како гости ја совладаа Блокотехна (74-72) за конечни 3-1 во полуфиналната серија.

Тоа беше меч во кој шутот беше слаба точка во играта на двете екипи, а гостите од „Јане Сандански“ триумфот го обезбедија единствено поради далеку подобрата игра под кошевите. Сино-белите имаа двоцифрен број повеќе скокови од противникот (44-35), а голем удел одигра и бројот на собрани топки во офанзивната фаза (16) кои им овозможија по неколку обиди за поентирање во еден напад.

Гевгеличани благодарение на добрата игра во втората четвртина на одмор заминаа со позитива од седум поени (39-32), предност која, сепак, брзо ја загубија во третата четвртина која МЗТ Скопје ја почна со серија 20-5. Тоа на скопјани им донесоа највисоки дотогаш плус осум (52-44), кои потоа со голема мака, но наполно заслужено ги задржаа до самиот крај.

На крајот домашните погодија неколку тешки шута што ги донесе во ситуација да имаат и шут за победа, кој го промаши Данило Мијатовиќ. Мора да се напомене дека составот од Гевгелија настапи ослабен и тоа без најдобриот поединец Двејн Бенџамин, кој беше повреден.

Србинот Андрија Бојиќ одигра фантастичен меч со 22 поени и со 11 скока од кои дури седум офанзивни, додека двоцифрен ефект имаше и Јуре Лалиќ со 12 поени и шест скока. Шакир Смит и Андреј Казарновски постигнаа по 16, додека Мијатовиќ 14 поени кај Блокотехна.

„Металците“ во големото финале ќе ги одмерат силите со Работнички, кој синоќа со перфектни 3-0 ја заврши полуфиналната серија со Куманово. Пресметките за титулата најверојатно ќе почнат в петок или во понеделник, а ќе се игра до три победи. Центарци почнуваат дома, а евентуалната мајсторка ќе се игра во „Градски парк“.