Блокотехна: На Кожув му посакуваме убав престој во нашата сала, па нека победи подобриот!

Гевгелиското градски дерби полека, но сигурно почнува да наликува на тоа на вечните скопски ривали Работнички и МЗТ Скопје, поради што денешната пресметка помеѓу Блокотехна и Кожув (17.30 часот) предизвикува голем интерес во кошаркарските кругови и најавува квалитетен и до крај неизвесен дуел пред исполнетата трибина во салата во Негорци.

Двата тима во натпреварот влегуваат со сопствени сметки. Домаќинот со желба да го продолжи победничкиот тренд во пресметката со локалниот ривал, со оглед што победи во сите досегашни меѓусебни дуели по влегувањето во Првата лига минатата сезона. Блокотехна веќе има пет од пет против Кожув од кои три победи се во домашниот шампионат, а две во БИБЛ-лигата.

„Градското дерби е спектакл кој треба да се негува и кој треба да биде празник на кошарката во Гевгелија, без разлика каде се игра. Никогаш досега не сме навредувале некого од управата на противникот, ниту, пак, имаме намера некогаш во иднина тоа да го направиме. Наша цел е да одиграме квалитетен и добар натпревар, во кој, нормално, на крајот да победи подобриот тим. А, на гостите им посакуваме многу среќа и убав престој во нашата сала“, ни изјавија од таборот на Блокотехна.

Постариот гевгелиски прволигаш, пак, се бори за место во Суперлигата односно за пласман меѓу шесте најдобри екипи во Првата лига за што директни конкуренти им се Куманово и Фени индустри. Кожув со една нога веќе е меѓу суперлигашите, но денеска ќе проба да дојде до триумф кој ќе им го осигура продолжување на првенството во лигата за титула, а во таа за опстанок како минатата сезона.

Најавен е директен пренос од овој дерби дуел, кој полека, но сигурно почнува да наликува на скопското вечно дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички.